Веќе 163 апликации од Куманово за грантовите за самовработување (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Досега 163 лица од Куманово аплицирале на јавниот повик за програмата за самовработување, а интересот на национално ниво надминал 2.400 апликации, информираа денеска надлежните при презентацијата на Оперативниот план за активните програми и мерки за вработување за 2026 година, која се одржа во Куманово.

 

 

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ги повика младите да ја искористат можноста за започнување сопствен бизнис, посочувајќи дека државата повторно обезбедила значителни средства за поддршка.

– Проектот предвидува финансиски средства за поддршка на оваа категорија на луѓе од седум до десет илјади евра, а доколку се здружуваат од 17 и дваесет илјади евра. Јас ги повикувам во оваа прилика сите млади луѓе коишто се заинтересирани во Општина Куманово да формираат сопствен бизнис“, рече Димитриевски.

 

 

Тој додаде дека мерката претставува добра можност за оние кои имаат бизнис-идеја.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Викенд прогноза за Куманово: Подгответе се за уште потопло време

– Оваа можност дава големи можности за младите луѓе да отпочнат да се занимаваат со одреден бизнис доколку имаат конкретен бизнис план и дополнително добиваат грант средства, изјави Димитриевски.

 

 

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, истакна дека годинава за Оперативниот план се обезбедени 40 милиони евра, од кои најголемиот дел се наменети токму за мерката за самовработување.

– Вкупниот буџет на оперативниот план е 40 милиони евра, од тие вкупни 40 милиони евра цели 22,3 милиони евра се наменети токму за оваа мерка, рече Ристески.

 

 

Тој ги повика граѓаните навреме да аплицираат, бидејќи јавниот повик е отворен до 3 јули.

– Да ги повикам кумановчани, пред сè младите до 29 години да ја посетат не само веб страната туку и подрачната единица на Агенцијата за вработување да се информираат и навреме да аплицираат. Конкурсот трае до трети јули, наредниот петок, изјави Ристески.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Се разгледуваат опции за кредит за нова механизација за јавните претпријатија (ВИДЕО)

 

 

Според него, новина годинава е што во мерката ќе можат да учествуваат и повратници од странство, кои ќе добијат дополнителен бонус од 10 проценти, а досегашните резултати покажуваат дека мерката е успешна.

– Над 70, скоро 80 отсто од оваа мерка самовработување се успешни бизнисите. Има многу бизниси кои започнале со еден вработен, а денес имаат 10, 15, 20 и повеќе вработени, рече Ристески.

 

 

Заменик-директорката на Агенцијата за вработување, Весна Пешова, информираше дека интересот за јавниот повик е голем уште во првите денови.

– Од досегашниот одзив, односно од досегашните апликации можам слободно да кажам дека интересот е многу голем. Заклучно до вчера достигнаа над 2.400 апликации, а за Куманово веќе 163, рече Пешова.

 

 

Таа ги повика сите заинтересирани лица кои имаат бизнис-идеја да аплицираат во предвидениот рок.

– Ги повикувам сите заинтересирани лица коишто имаат сопствена бизнис идеја и сакаат да основаат сопствен бизнис да се информираат во Центарот за вработување Куманово или да ја посетат нашата веб страница. Повикот трае до трети јули 2026 година, односно до наредниот петок, изјави Пешова.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна реконструкцијата на улицата „Индустриска“ во Куманово (ФОТО)

Директорката на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, Даниела Димовска, рече дека сите апликанти ќе добијат стручна помош при подготовката на бизнис-планот, задолжителна обука и менторска поддршка.

 

 

„На апликантите ќе им се додели советник. Апликантот заедно со советникот го изработуваат бизнис планот, по основањето на бизнисот од наша страна ќе им биде овозможена менторска помош во период од 6 месеци, изјави Димовска.

Надлежните порачаа дека целта на мерката е да се поттикне претприемништвото, да се отворат нови одржливи бизниси и да се создадат нови работни места, при што на апликантите ќе им биде обезбедена финансиска и менторска поддршка и по основањето на компанијата.

Никола Ивановски