Движењето ЗНАМ – За наша Македонија утре во Скопје ќе го одржи големиот Отчет на избраните и именувани функционери, на кој ќе биде презентирана работата на кадрите на партијата во изминатите две години.
Настанот ќе се одржи на 19 септември во Кино „Фросина“ во МКЦ Скопје, со почеток во 13 часот. На него ќе биде претставена публикацијата „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија!“, преку која, како што најави портпаролот на ЗНАМ Никола Мемов, ќе бидат презентирани реализираните активности, донесените одлуки, реформите, започнатите проекти и постигнатите резултати.
„Отчетот не е за нас. Отчетот е за граѓаните“, порача Мемов, нагласувајќи дека по две години од добиениот мандат, функционерите на ЗНАМ сметаат дека имаат обврска пред граѓаните да покажат што е сработено во Собранието, Владата и институциите со кои раководат нивни кадри.

Покрај утрешниот настан, од ЗНАМ најавуваат и 14-неделна серија панел-дискусии, кои ќе се одржуваат секој викенд до крајот на годината, во 14 градови во Македонија.
На панел-дискусиите функционерите на ЗНАМ ќе ги презентираат резултатите од работата на институциите со кои раководат, а ќе се разговара за реализираните реформи, инвестиции, институционални промени и конкретни политики.
Посебен акцент, според најавата, ќе биде ставен на директниот разговор со граѓаните, кои ќе имаат можност да поставуваат прашања, да упатуваат критики и да даваат предлози и очекувања.
„За нас отчетот не значи само да кажеш што си направил. Отчет значи да застанеш пред граѓаните и да одговориш зошто си го направил тоа, што е постигнато и што допрва треба да се направи“, изјави Мемов.
Тој посочи дека преку 14-те панел-дискусии отчетот ќе се спроведува директно на терен, а не само преку соопштенија, конференции или социјални мрежи.

