Зголемен е бројот на деца заболени од варичела, односно овчи сипаници, информираат од Центарот за јавно здравје во Куманово.
Според податоците на установата во текот на декември биле евидентирани вкупно 86 заболени, во ноеври 37, додека во октомври бројката изнесувала само 20 заболени.
Најголем процент на заболените се деца на училишна и предучилишна возраст од 7 до 9 години и до шест годишна возраст, што е 95 отсто од вкупно заболените од оваа сезонско заболување, изјави Јадранка Стаменковска, епидемиолог во кумановскиот Центар за јавно здравје.
Стаменковска вели дека карактеристично е тоа што поголемиот дел од заболените деца се од урбана средина.
Периодот на инкубација на вирусот е од 10 до 20 дена. Се манифестира со појава на осип, кој започнува од стомакот и се шири кон вратот, екстремитите и главата. Меурчињата не треба да се допираат за да се одбегне контаминација. Болеста завршува со појава на крастички кои отпаѓаат за десетина дена, истакна Стаменковска.
Лекувањето на сите заболени е во домашни услови и според епидемиолозите, најчесто се карактеризира со лесна клиничка слика, во период од две до три недели. Препораката на кумановските епидемиолози е хигиенско – диетски режим, проветрување на просториите, мирување и изолација на заболените.
Во текот на 2014 година вкупно имало 263 заболени, во 2013 година 584 заболени од варичела, според податоците на Центарот за јавно здравје од Куманово.
Инаку кулуминацијата на оваа заболување се очекува следниот месеџ, па затоа епидемиолошката служба внимателно ја следи целокупната ситуација.