Земјотрес со јачина од 3,9 степени според Рихтеровата скала утрово е регистриран на територијата на Албанија, а потресот бил почувствуван и во делови од Македонија.
Според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC), земјотресот се случил во 7:52 часот, со епицентар на околу 45 километри од Тирана и на длабочина од приближно 10 километри.
Од друга страна, Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје соопшти дека земјотресот потекнува од епицентралното подрачје во Република Албанија, на околу 144 километри југозападно од Скопје, со локална магнитуда од 4,0 степени според Рихтеровата скала.
Според досегашните податоци на опсерваторијата, земјотресот бил почувствуван од жителите на Струга и околината, со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

