Започнаа буџетските форуми во Куманово: Граѓаните предлагаат проекти за 2027 година (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Во Куманово започнаа буџетските форуми на кои граѓаните ќе имаат можност непосредно да ги претстават своите потреби, идеи и предлози за проекти што би можеле да бидат вклучени во општинскиот буџет за 2027 година.

 

 

На првата форумска сесија, што се одржа денеска во Занаетчискиот дом, присуствуваа и претставници на локалната самоуправа, а во наредните две сесии се очекува да бидат разгледани дополнителни предлози од граѓаните и да се утврдат приоритетите за следната година.

– Граѓаните секогаш најдобро ги знаат своите проблеми, проблемите на местото на живеење, на заедницата и нивните приоритети“, изјави секретарот на Општина Куманово, Емилија Сларидис Јаневска, посочувајќи дека форумите се можност граѓаните директно да учествуваат во креирањето на општинските политики.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Во сабота во Куманово ќе се одржи традиционалната трка „Born 2 Run“

 

 

Таа нагласи дека ова не е прв пат да се организираат буџетски форумски сесии, покрај онлајн анкетните прашалници преку кои граѓаните ги доставуваат своите барања.

Претседателката на Советот на Општина Куманово, Ивана Ѓорѓиевска, очекува граѓаните да предложат проекти од повеќе области, меѓу кои образованието, инфраструктурата и содржините за младите.

– Очекувам предлози од образование затоа што веќе најавија затоа што има некои училишта кои навистина им е потребна дополнителна помош и од општината и од министерството, очекувам предлози од страна на инфраструктура, очекувам предлози од младите за дополнителни некои игралишта, во секој случај очекувам предлози од граѓаните кои ќе бидат најсоодветен наш показател што треба да се работи 2027та година, изјави Ѓорѓиевска.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре седница на Советот на Општина Куманово: Меѓу точките збратимувања и градскиот превоз

 

 

Таа посочи дека директните средби се особено важни бидејќи преку нив може да се утврди кои барања се во надлежност на Општина Куманово и кои се реално остварливи, а за кои е потребно вклучување на институциите на централната власт.

Како една од можните теми што би можеле да бидат отворени го посочи и Пионерскиот дом, во контекст на потребата од дополнителни содржини и простори за младите.

 

 

Првите две форумски сесии се наменети за прибирање идеи и предлози, а третата, закажана за 3 ноември, ќе биде посветена на финалната селекција и рангирањето на предложените проекти.

Граѓаните можат да предлагаат проекти од областа на економијата, инфраструктурата, образованието, социјалната заштита, животната средина, културата и спортот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Без струја денеска и утре делови од Куманово и Старо Нагоричане

Буџетските форуми се организираат во рамките на проектот „Заедници со интегритет“, финансиран од владите на Швајцарија и Шведска, а спроведуван од Националниот демократски институт (NDI).

Никола Ивановски