Половина час траеше протестот на вработените од ЈЗУ Општа Болница Куманово кои денес се собраа во кругот на болницата во знак на солидароност кон својот колега, кој беше повреден во општа бркотница и вооружен напад пред три дена додека ординирал на Одделението за абдоменална хирургија во Скопје.
Самостојниот Синдикат на вработените во Универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во Република Македонија во кој членуваат и вработените од ЈЗУ Општа Болница Куманово, денес со получасовниот протест ја искажаа својата солидарност кон д-р Љубомир Огњеновиќ, но и својот револт кон несаканиот настан и кон понижувачкиот статус на докторите и останатите здравствени работници и соработници.
Инаку, самостојниот синдикат на Клинички центри како и членовите од ЈЗУ Општа Болница Куманово со денешниот протест побараа итно донесување на Закон за докторска дејност, Закон за сестринска и акушерска дејност, а од надлежните институции воспоставување систем за заштита на достоинството и угледот на докторите и останатите здравствени работници, и бара од Директорите под итно да воспостават 24 часовно професионално обезбедување на сите ЈЗУ во Република Македонија.
Од директорите на ЈЗУ, вработените побараа да се однесуваат со должна почит кон лекарите и останатиот персонал и да не ги надминуват ингеренциите на функцијата, како и изготвување нова законска регулатива која се однесува на здравствените работници при чие креирање неизоставно, активно, како рамноправни партнери ќе учествуваат Самостојниот синдикат на Клинички центри и Самостојниот Синдикат за здравство, фармација и социјална заштита на Р. Македонија.
Инаку, денес на протест излегоа и лекарите од Клиничкиот центар во Скопје, истакнувајќи транспаренти на кои пишува „Закон за лекарска дејност“ и „Јас сум Љубомир Огненовиќ“, во знак на солидарност со својот колега но и со барање за поголема почит кон лекарската професија во Македонија.