Од втори мај започна уписот на учениците во прво одделение во 16те општински училишта во Куманово.
На списокот кој Министерството за внатрешни работи го доставил до надлежните се податоци за 1.534 ученици кои би требало да се запишат годинава во прво одделение.
Тој список опфаќа ученици родени во 2019 година, а со согласност од родител во претстојната учебна година ќе може да се запишат и оние деца родени во јануари 2020 година.
– Родителот е должен при упис на ученикот да го доведе и својот ученик на тестирање и да достават потврда за имунизација, примени вакцини, офтамолошки преглед и стоматолошки преглед од надлежна здравствена институција, изјави раководителот на Секторот за образование при Општина Куманово, Александар Јовановиќ.
Согласно измените во Законот за основно образование, како што информираше Јовановиќ, родителите ќе мора да ги запишат своите деца строго во регионите во кои живеат. Отстапување од тоа правило ќе има само под посебни услови.
– Може да биде запишан ученик во друг реон, ако во тој реон нема настава на мајчин јазик и доколку ученикот има потврда од надлежна установа поради здравствени причини, социјалниот и здравствен статус на учениците и потврда од Центар за ментално здравје со цел интересот на учениците да биде префрлен во друго училиште каде има слободни места, изјави раководителот.
Првичниот список иако опфаќа податоци за 1.534 ученици не значи дека сите тие ќе се запишат. Колку од нив се иселиле во меѓувреме ќе се знае по крајот на уписните рокови и почетокот на новата учебна година.
Шеснаесетте основи училишта во Куманово имаат максимален капацитет за 2.500 ученици, но истиот нема да биде исполнет.
Централните училишта ги исполнуваат капацитетите, но за училиштата во рурални средини исполнувањето на капацитетите е голем предизвик веќе со децении.
Никола Ивановски