Албанија ќе создаде суверена муслиманска држава во Тирана за верскиот поредок на Бекташи, по моделот на Ватикан во Рим, за да ја зачува и промовира верската толеранција, изјави премиерот Еди Рама.
Доколку се воспостави, енклавата на исламскиот суфиски ред би била една од најмалите држави во светот и би имала своја администрација, но без даноци и полиција и нема да го доведува во прашање суверенитетот на Албанија, рече Рама, пренесува РТЦГ.
„Историјата на Бекташите сама по себе е импозантен повик да му се даде на светото седиште на Светскиот центар на Бекташи, статус сличен на оној на Ватикан“, рече Рама неодамна, за време на церемонијата по повод 95-годишнината од преместувањето на светата столица на редот од Турција во Албанија.
Рама рече дека симболичната држава ќе биде „без ѕидови, без полиција, без војска, без даноци или други атрибути, но со штаб – духовна држава“.
Тој не даде детали за временската рамка за спроведување на овој план, а албанскиот парламент допрва треба да го одобри.
Основан во Отоманската империја во 13 век како гранка на суфизмот, бекташкиот ред е со седиште во Албанија од 1929 година, откако основачот на новосоздадената Турска Република, Кемал Ататурк, му забрани да ја практикува верата.
Рама минатата година рече дека Албанија планира да основа држава во источниот дел на Тирана како духовен центар за бекташите, кои се широко распространети и во Косово и во Македонија, како и во Албанија.