Москва се надева дека САД „ќе имаат доволно мудрост и разум“ да не му дадат согласност на Киев за напади со западно оружје длабоко на руска територија, изјави рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Вершинин.
„Мислам дека последиците од ова се очигледни за сите, би сакал да верувам дека американската страна ќе има доволно разум да не доведе до таква ситуација“, изјави тој за РИА Новости на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера изјави дека Русија може да користи нуклеарно оружје доколку биде нападната од која било земја и дека секој конвенционален напад врз Русија поддржан од нуклеарна сила ќе се смета за заеднички напад.
Тој рече дека Москва го задржува правото да користи нуклеарно оружје во случај на агресија врз неа, меѓу другото, ако непријателот користи конвенционално оружје, ако тоа претставува закана за виталните интереси на државата.
„Го задржуваме правото да користиме нуклеарно оружје во случај на агресија врз Русија и Белорусија, како членка на Федералната држава. Сите овие прашања се договорени со белоруската страна, со претседателот на Белорусија, вклучително и ако противникот користи конвенционален оружје, создава витална закана за нашиот суверенитет“, рече Путин на седницата на Советот за безбедност за нуклеарно одвраќање.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека изјавата на Путин за последиците од евентуален напад од западно оружје на руска територија е „исклучително јасна и недвосмислена“ и оти стигнала до наменетите примачи.