Американскиот потпретседател Џ.Д. Венс рече дека САД би можеле да ја погодат Москва со санкции и потенцијална воена акција доколку рускиот претседател Владимир Путин не се согласи на мировен договор со Украина кој гарантира долгорочна независност на Киев, објави во четвртокот Волстрит журнал.
„Постојат економски алатки за влијание, сигурно има воени алатки за влијание кои САД би можеле да ги употребат против Путин“, рече Венс во интервју за весникот, пренесува Хина.
„Има безброј формулации, конфигурации, но ние се грижиме Украина да има суверена независност“, рече тој.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата разговараше за војната со рускиот претседател Владимир Путин и одделно со украинскиот претседател Володимир Зеленски и им нареди на американските власти да започнат преговори за ставање крај на речиси тригодишниот конфликт.
Телефонските повици дојдоа набргу откако американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет им кажа на воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година, пред Русија да го анектира Крим, е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението.
Украинците во четвртокот беа загрижени дека Трамп се подготвува да ја продаде нивната земја по телефонскиот повик со Путин.
Претходно денеска Трамп изјави дека Украина ќе биде вклучена во мировните преговори со Русија.
Тој им рече на новинарите во Белата куќа дека Украина ќе има место на маса за време на какви било мировни преговори со Русија за ставање крај на војната.
Киев рече дека би било прерано да се разговара со Москва на безбедносната конференција во петок.
„Мислам дека од ова ќе произлезе договор што ќе шокира многумина“, го цитира WSJ изјавата на Венс.
Претседателот е отворен за сите опции, рече Венс. „Тој ќе рече: „Се е на маса, ајде да се договориме“.
Венс рече и дека Трамп би можел да се премисли во зависност од тоа како течат преговорите.
„Претседателот Трамп може да каже, погледнете, ние не го сакаме ова, можеби не ни се допаѓа, но ние сме подготвени да го вратиме на маса ако Русите не се добри преговарачки партнери или има работи кои се многу важни за Украинците, а ние можеби сакаме да ги тргнеме од масата“, рече тој.