По повод Денот на градот – 11 Ноември, во Куманово ќе се одржи традиционална улична трка за учениците од основните и средните училишта, со цел да се поттикнат спортскиот дух, физичката активност и здравите навики кај младите.
Трката е закажана за 10 ноември 2026 година (вторник), со почеток во 12 часот. Собирањето на учесниците е предвидено за 11:30 часот, на релацијата Плоштад – Занаетчиски дом.
Во трката ќе можат да учествуваат ученици од сите основни и средни училишта, поделени во неколку возрасни категории.
За учениците од прво до седмо одделение, како и за оние од осмо и деветто одделение, предвидено е учество со најмногу пет машки и пет женски натпреварувачи од секое училиште.
Кај средношколците, во прва, втора, трета и четврта година, училиштата ќе можат да пријават најмногу по 15 машки и 15 женски ученици.
Најдобрите тројца натпреварувачи во секоја категорија ќе бидат наградени со медали, дипломи и маици.
Пријавувањето ќе се врши на лице место, кај делегатот на трката, професорот Фидан Арсовски, на телефонскиот број 070/534-623.
Организаторите информираат дека задолжително е учениците да бидат облечени во училишни спортски маици, додека оние кои немаат лекарски преглед треба да настапуваат на одговорност на наставникот.
Традиционалната улична трка е дел од спортската програма по повод одбележувањето на 11 Ноември – Денот на ослободувањето на Куманово.
Организатор на настанот е Општинскиот сојуз на училишен спорт на Куманово, под покровителство на Советот на Општина Куманово и градоначалникот Максим Димитриевски.
Никола Ивановски

