Ракот на дојка сè почесто и кај помлади жени: Во Куманово секојдневно се вршат прегледи (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Ракот на дојка останува една од најчестите малигни заболувања кај жените, а загрижувачки е што во последните години се регистрираат случаи и кај жени помлади од 40 години.

Лекарите предупредуваат дека раното откривање, редовните контроли и самопрегледот на дојките се клучни за навремено дијагностицирање и поуспешно лекување на болеста.

Доктор Изаир Биљали, раководител на Одделот за радиодијагностика при Општа болница Куманово посочува дека во болницата секојдневно се вршат прегледи на дојки, преку кабинетот за дојка и мамографија, кој работи пет дена во неделата.

– Ние во нашата јавна здравствена установа, Општа болница Куманово, секојдневно работиме со програмата во склоп на „Мој термин“. Работиме кабинет за дојка и мамографија пет дена во неделата. Секој ден прегледуваме по осум пациенти на мамографија и ехо на дојки, со исклучок кога имаме итни случаи, кои ги преземаме како итни, вели Биљали.

 

 

Тој појаснува дека во Куманово се среќаваат различни заболувања на дојките, од бенигни промени, кои се најчести, до случаи на новооткриени карциноми.

Прегледите да започнат од 35-годишна возраст

Иако претходно редовните мамографски прегледи најчесто се препорачувале по 40-годишна возраст, Биљали посочува дека во последната деценија препораките се променети, особено поради појавата на карцином на дојка кај помлади жени.

– Порано, според протоколите, секогаш се правеле прегледи по 40-та година, иако во последната деценија таа граница на возраста е поместена на 35 години. Се среќаваме со нови случаи на карциноми и кај жени помлади од 40 години. Тоа се хормонално зависни карциноми, кои се малку поинвазивни, така што нашите препораки за пациентите се дека треба да почнуваат со прегледи од 35 години па натаму, објаснува докторот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Групна тепачка во Средорек

Како еден од најзначајните ризик-фактори ја издвојува генетската предиспозиција, односно семејната историја на заболувањето, но нагласува дека постојат и други фактори кои можат да влијаат врз појавата на болеста.

– Има многу ризик-фактори кои се вклучени. Ако се направат големи студии за тоа кои се чинителите и кои најчесто предизвикуваат заболување, ризик-фактор број еден е генетската предиспозиција, а потоа има уште многу други фактори. Во секој случај, инциденцијата на ракот на дојка е доста зачестена во последните неколку години“, вели Биљали.

 

 

Безболна грутка може да биде првиот знак за заболувањето

Една од најважните препораки што лекарите им ја даваат на пациентките е редовната самоконтрола на дојките.

Според Биљали, жените треба да научат правилно да вршат самопреглед и да не ги игнорираат промените, дури и кога тие не предизвикуваат болка.

Како најчест прв симптом ја посочува појавата на грутка во дојката, која пациентката може сама да ја забележи при допир.

– Прв симптом е грутка, безболна грутка на дојката, која самата пациентка ја открива при палпација и самоконтрола. Тогаш веднаш треба да се обрати кај матичниот лекар, кој потоа ќе ја препрати до нашето одделение за да се направат сите испитувања. Тоа подразбира ехосонографија и мамографија. Тоа е првиот симптом“, објаснува тој.

Другите промени, како вовлекување на брадавицата и промени на кожата на дојката, според докторот, можат да укажуваат на понапредна фаза на заболувањето.

– Вовлекување на мамилата, на пупката, менување на кожата на дојката – тоа се веќе понапредни симптоми, односно подоцнежни симптоми, предупредува Биљали.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановци кои ги направиле своите домови енергетски поефикасни можат да освојат награда

Тој нагласува дека пациентките не треба да чекаат појава на болка за да побараат лекарска помош, бидејќи ракот на дојка во почетните фази може да биде безболен.

– Самиот карцином на дојка е безболна проблематика, така што пациентите можеби го омаловажуваат како грутче и во тој смисол не му даваат некое конкретно значење. Тоа е една од главните препораки што им ги кажуваме на сите пациенти. Лошите болести не болат, истакнува докторот.

 

 

Раното откривање значително ги подобрува резултатите од лекувањето

По извршениот преглед, лекарите ја утврдуваат понатамошната постапка во зависност од наодот, возраста и ризикот кај пациентката.

Дијагностиката вклучува ехосонографија и мамографија, а доколку постои сомневање за малигно заболување, следуваат дополнителни испитувања, вклучително и биопсија.

Биљали посочува дека навременото откривање и почитувањето на медицинските протоколи се од особена важност за успешноста на лекувањето.

– Раното откривање дава голема надеж. Ако се запазат сите протоколи – рано откривање, биопсија и хируршка интервенција, резултатите се многу подобри. Потоа, нормално, следува и онкологија, хемотерапија, која е дел од протоколот за лекување на карциномот на дојка, објаснува тој.

Во кабинетот за дојка при Општа болница Куманово се следат и пациентки кои веќе биле оперирани, оние со зголемен ризик, како и жените кои доаѓаат на редовни превентивни контроли.

Посебно внимание се посветува на пациентките со позитивна семејна анамнеза, односно оние кај кои во семејството веќе имало случаи на рак на дојка. Кај нив динамиката на контролите се одредува индивидуално, во зависност од проценката на лекарот и резултатите од претходните испитувања.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  „Точка на вриење“ - Изложба на Мартина Павлевска во Куманово

 

 

Мамографијата не треба да се избегнува поради страв од зрачење

Една од причините поради кои дел од жените ги одложуваат мамографските прегледи е стравот од изложеност на зрачење.

Но, Биљали нагласува дека новиот мамограф со кој располага болницата во Куманово е современ апарат со значително намалена доза на зрачење.

– На новиот мамограф што го добивме дозата на зрачење е доста намалена. Авансирана е самата технологија на мамографијата, така што станува збор за еден софистициран апарат кај кој значително е намалена дозата на зрачење при самата мамографија. Тоа не е причина да не се дојде на контрола на мамографија“, посочува докторот.

Според него, кај пациентките над 40-годишна возраст кај кои првиот мамографски наод е уреден, вообичаено се препорачува контролна мамографија на секои две години. Сепак, динамиката на следење се одредува индивидуално, зависно од наодите и проценката на лекарот.

Ехосонографијата, пак, е безболна метода која може да се применува и во пократки временски интервали, кога за тоа постои медицинска индикација.

– Ехото е безболно, не е штетно и може да се направи кога било. Најчесто, кога пациентот има одредена проблематика, контролите се прават на три, шест месеци или една година. Тоа зависи од наодот и од тоа како ќе индицира докторот што го прегледува пациентот, објаснува Биљали.

Од Одделот за радиодијагностика при Општа болница Куманово апелираат жените да не ги одложуваат превентивните прегледи, да вршат редовна самоконтрола и при секоја забележана промена навреме да се обратат кај матичниот лекар.

Никола Ивановски