Група ученици и професори од кумановското основно училиште „Браќа Миладиновци“ заедно со врсници и професори од повеќе европски држави преку проектот на Еразмус „Секој има приказна“ (Everybody has a story) престојуваат во училиште во Истанбул, Турција информираа денеска надлежните.
Во проектот учествуват пет основни училишта од Романија, Унгарија, Италија и Турција кои заедно со кумановските ученици се вклучени во сите активности организирани од училиштето домаќин.
– Сите активности се реализираат во училиштето домаќин од Истанбул, каде преку посета на часови, презентации, и претстави, тимовите се запознаат одблизу со образовниот систем. Учениците и професорите разменуваат искуства, а наскоро предвидено и состанок со претставници од бирото за образование во Турција, изјавија професорките Ана Гиевска и Ана Спировска Петровска.
Основната цел на Еразмус проектот е да се поттикне читањето од најрана возраст, да се дискутира за бенефитите од редовно читање како што се – збогатување на речникот, намалување на стресот, подобрување на меморијата, стекнување на нови знаења.
– Учениците се запознаваат со културните, историските споменици и убавини на Истанбул. Токму спојот на убавото и корисното е цел на Еразмус+ програмата, која преку своите проекти нуди можност учениците да учат, да се надоградуваат и да стекнуваат искуства преку патувања и интеркултурални средби, кажаа професорките Гиевска и Спировска Петровска.
Учениците дискутираат и соработуваат со свои врсници од тимовите на земјите партнери. Учествуваат во читања, претстави и игри.