Убиен командант на Исламски џихад во судири на Западниот Брег

Сподели со своите пријатели

Израелски војници утрово го убиле командантот на палестинскиот Исламски џихад во Тубас на окупираниот Западен Брег, јавија палестинските медиуми.

Loading...

Министерството за здравство на палестинските власти објави дека тројца Палестинци биле убиени за време на судирите во областа и блискиот камп Фарах.

Еден од убиените е идентификуван како 26-годишниот Мухамед Дарагмех, коосновач на локалниот огранок на Исламскиот џихад во Тубас на северниот дел на Западниот Брег.

Военото крило на Исламски џихад потврди дека сите убиени се членови на таа екстремистичка организација, пренесе Асошиејтед прес.

Министерството за здравство соопшти дека тие биле убиени од куршуми испукани во главата, градите и вратот.

Насилството на Западниот Брег е зголемено од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас во Газа на 7 октомври.

Оттогаш, повеќе од 400 Палестинци се убиени од израелски оган на Западниот Брег, главно во судири што избувнуваат за време на речиси секојдневните воени напади во потрага по осомничени екстремисти.