Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека е „елиминиран“ и наследникот на лидерот на Исламска држава, кој беше убиен во неделата во операција на американските сили во Сирија.
„Само што добив потврда дека американските сили го елиминирале и заменикот број еден на Багдади. Тој веројатно ќе го преземеше водството. Сепак, тој е мртов“, рече Трамп на Твитер.
Американскиот претседател не го наведе идентитетот на лицето или околностите на неговата смрт. Засега не е јасно дали Трамп мислел на смртта на портпаролот на Исламска држава.
Курдските сили претходно објавија дека Абу Асан Хасан ал-Мухаџир, „десната рака на Багдади и портпарол на Исламска држава“, е убиен во нападот во северна Сирија.
Во неделата Трамп објави дека Ал-Багдади е убиен во американската операција на армијата во сириската провинција Идлиб.