Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави денеска дека лидерите на Г7 разбираат дека војната во Украина може да трае, но дека се подготвени да го поддржат Киев се додека е потребно.
„Отсекогаш знаевме дека ова ќе биде долг процес. Секако, врз основа на разговорите што ги имавме во Г7 и НАТО, ние сме подготвени за војна која ќе трае онолку долго колку што е потребно бидејќи не можеме и не смееме да дозволиме Русија да победи“, рече Трудо на маргините на Глобалниот еколошки фонд во Ванкувер, пренесува Блумберг.
Руската инвазија на Украина доведе до зголемен геостратешки интерес за глобалниот Арктик, а кога Шведска ќе влезе во НАТО, Русија ќе биде единствената арктичка нација која не е членка на Алијансата, наведува агенцијата.
Трудо истакнува дека канадската влада, во меѓувреме, ветила 40 милијарди долари во следните 20 години за да го надгради Норад, континенталниот систем за воздушна одбрана, и ветила дека ќе ги замени старите CF-18 со борбени авиони Ф-35, делумно поради загриженоста за безбедност на Арктикот.
„Без разлика дали станува збор за изградба на повеќе поларни мразокршачи, дали се работи за патролни бродови на Арктикот што штотуку ги завршивме – тоа се работи во кои продолжуваме да инвестираме, бидејќи безбедноста на Арктикот е вистински предизвик“, рече канадскиот премиер, пренесе Танјуг.