Кумановскиот театар во вторник /16 јуни/ ќе ја прикаже десеттата реприза на претставата „Мајка Храброст“, според текст на Бертолт Брехт, а во режија на Звездана Ангеловска.
Претставата е хроника за сите работи кои исчезнуваат од животот: младоста, добрината, чесноста, доблеста, љубовта, па дури и најстрашната болка, но и таа ќе исчезне на крај. Ова не е претстава за храбрите добитници, туку за храбрите губитници. Само оној кој е храбар може да живее со загубата. Животот е еден голем циркус. Се играме со себе си, не знаејќи дека од себе правиме кловнови.
Главниот лик во претставата „Мајка Храброст“, Кети Дончевска Илиќ беше номинирана за наградата „Актер на годината“,која ја доделува дневниот весник „ДНЕВНИК“.
Со претставата „Мајка Храброст“, ансамблот од Кумановскиот театар на 18 јуни 2015 г. ќе учествува на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.