Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека е „сериозна грешка“ на Западот што дозволил поранешниот либиски лидер Моамер Гадафи да биде убиен за време на Арапската пролет во 2011 година, бидејќи неговата смрт предизвика нестабилност во Северна Африка.
„Тоа беше многу сериозна грешка. Да се дозволи Гадафи да биде убиен. Тој можеби не беше шампион на демократијата, но со неговата смрт, политичката нестабилност пристигна во Либија и Африка“, рече Тајани додека присуствуваше на летен форум во градот Лука на северниот брег на Тоскана, пренесува Анса.
Според него, благодарение на договорите со Гадафи, Италија успеала да ги запре миграциските текови, а ситуацијата била многу постабилна.
„Тој дефинитивно беше подобар од оние кои дојдоа по него. По него дојде тероризмот, Муслиманското братство“, рече Тајани, а неговата изјава за Либија предизвика аплауз во салата.
Гадафи беше убиен од бунтовниците на 20 октомври 2011 година, потсетува италијанската агенција, пренесува Танјуг.