Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Аданом Гебрејесус предупреди дека на северот на Појасот Газа се повеќе деца умираат од глад.
Тој изјави дека овој викенд, за прв пат од октомври минатата година, вработените во СЗО можеле да ги посетат болниците Ал Авда и Камал Аудан во Газа и посочи дека она што го виделе таму е „мрачно“.
– Недостигот на храна предизвика смрт на 10 деца минатата недела и доведе до сериозно ниво на неухранетост, а зградите на болниците беа уништени, рече Гебрејезус, пренесува BBC.
Министерството за здравство на Газа во неделата објави дека најмалку петнаесет деца починале од неухранетост и дехидрација во болницата Камал Адван, а палестинската агенција Вафа соопшти дека 16-то дете починало од глад во болница во јужниот град Рафах.
Тедрос објави „тешки нивоа на неухранетост, деца умираат од глад, голем недостиг на гориво, храна и медицински материјали, како и уништени болнички згради“ во северниот дел на Газа, каде што се проценува дека 300.000 луѓе живеат со недоволно количество храна и вода за пиење.
„Ситуацијата во болницата Ал Авда е особено страшна, бидејќи една од нејзините згради е уништена“, додаде тој.
Обединетите нации, исто така, предупредија минатата недела дека гладот во Појасот Газа е „практично неизбежен“.
Висок функционер за помош на ОН рече дека најмалку 576.000 луѓе низ Појасот Газа, четвртина од населението, се соочуваат со катастрофални нивоа на несигурност во храната и дека секое шесто дете на возраст под две години на север страда од акутна неухранетост.
По повод катастрофалната ситуација во Газа, реагираше и генералниот директор на УНИЦЕФ за Блискиот Исток, Адел Кодр, која рече дека гледаме „деца умираат од глад, додека неухранетоста го пустоши Појасот Газа“.
„Овие трагични и ужасни смртни случаи беа направени од човек, а беа предвидливи и можеа да бидат спречени“, рече Кодр.
Откако израелската армија започна голема воздушна и копнена кампања во Газа, загинаа повеќе од 30.500 луѓе, главно жени и деца.