Дванаесет академски графичари од Куманово, со вкупно 24 графички листа работени во различни техники, ја претставија својата најнова продукција на биеналната изложба „Кумановски графичари 2026“, која вчеравечер беше отворена во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Изложбата, која има традиција од 2003 година, е посветена на следењето и претставувањето на современата графичка продукција на кумановските академски графичари.

На годинашното издание учествуваат Зоран Јакимовски, Акиме Насуфи Реџепи, Валентина Илијевска, Мухамедали Алили – Дали, Ања Стојадиновска, Стефан Анчевски, Симона Јакимовска, Александар Стефановски, Стефан Јакимовски, Мирослава Цветковиќ, Милена Арсовска и Методија Стојановски.
Според историчарот на уметност Роберт Цветковски, досега се реализирани 11 изданија на оваа манифестација, која овозможува увид во различните авторски пристапи, техники и развојот на графичката мисла во Куманово.

Цветковски посочува дека изложбата претставува хетероген состав на уметници од различни генерации, преку чии дела може да се следи актуелниот развој на графиката, при што сè позначајно место зазема дигиталната графика, но се присутни и класичните графички техники.
„Полека се чувствува доминација на дигиталната графика, меѓутоа тука имаме графики кои се изработени во класичните графички техники. Мислам дека, иако сме мала земја, сепак тоа некое наше графичко индивидуално идентитетско значење во регионалниот простор се чувствува“, истакна Цветковски.

Уметникот Александар Стефановски на изложбата се претставува со три дела во техника на монотипија, избирајќи класичен начин на графичко изразување и враќање кон основите на графиката.

Тој објаснува дека монотипијата, и покрај можноста за повторување на процесот на печатење, носи елемент на случајност и изненадување, бидејќи секој нов отпечаток може да донесе различен резултат.
„Таа случајност е еден двигател за да видиме што ќе излезе. Можеби на четвртото ќе бидеме изненадени повеќе од првото. Измеѓу првото и седмото знае авторот да биде изненаден и да си претстави нешто што ни самиот не знаел дека така ќе излезе. Тоа е посебноста на графиката“, вели Стефановски.

На изложбата е присутен и нов пристап кон графичкото изразување преку дигиталната технологија. Методија Стојановски е првиот учесник кој на оваа манифестација се претставува со компјутерска графика, со што, според Стефановски, се отвора простор и за други млади автори да го следат овој пристап.

Меѓу учесниците е и Ања Стојадиновска, која се претставува со две дела – графика „Бикови“, од нејзината дипломска работа, и дело изработено во комбинирана техника со природни материјали, во кое се користени отпечатоци од листови.
Стојадиновска, која има завршено ликовна педагогија со модул графика и моментално магистрира на Факултетот за ликовни уметности, ја истакнува посебноста на традиционалната графика, во која секој отпечаток, иако произлегува од истиот процес, има свои специфичности.

Таа во својата најнова серија графики се обидува да добие ефект сличен на акварел, внесувајќи сликарски елементи во графичката техника.
„Јас лично многу сакам да работам традиционално, да почувствувам боја на раце, да почувствувам глето или ли лим, да го почувствувам материјалот“, вели Стојадиновска, додавајќи дека ги поддржува и дигиталните техники како современ начин на креативно изразување.

Изложбата „Кумановски графичари 2026“ ќе биде поставена во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ до 20 декември 2026 година.

Никола Ивановски

