Енергијата, обединетоста, одлучноста и бројното присуство на жените на вчерашната Основачка Конференција на Клубот на жени на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија се јасен показател за потенцијалот што го носи оваа нова организациска структура, но и за силата на партијата која отвора простор за жените да бидат активен дел од политичкото одлучување.
Конференција покажа дека ЗНАМ не гради само партиска структура, туку создава заедништво, простор за идеи, различни искуства и личен ангажман. Жените кои беа дел од оваа конференција испратија порака дека се подготвени да бидат активни учеснички во политичките процеси, да преземаат одговорност и да придонесуваат во креирањето на иднината на државата.

Претседателот на Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија, Максим Димитриевски, истакна дека токму ваквата енергија, посветеност и подготвеност за преземање одговорност се вредностите што го издвојуваат ЗНАМ.
„Она што ги прави жените на ЗНАМ различни е тоа што не ги гледаме како бројка, како формална поддршка или како задолжително присуство во партиските структури. Ги гледаме како луѓе со сопствен став, знаење, интегритет и капацитет да водат. Кај нас жените не треба да чекаат некој да им даде дозвола да бидат лидери. Треба да добијат можност, простор и доверба да го покажат својот потенцијал. Тоа е силата на ЗНАМ, луѓето кои веруваат дека можат да направат нешто повеќе за својата држава.“

Претседателка на Клубот на жени, Александра Јелиќ, нагласи дека довербата што и е укажана ја прифаќа како обврска за посветена работа, конкретни резултати и доследност на принципите, а не како функција или титула.
„Оваа функција не ја прифаќам за да носам титула, ја прифаќам за да преземам одговорност. Сакам Клубот на жени да биде место каде што секоја жена ќе може слободно да го изнесе својот став, да предложи идеја и да преземе иницијатива, без страв дека нејзиниот глас ќе биде замолчен. Не сакам да ја мериме нашата работа според бројот на одржани состаноци и настани, туку според промените што ќе ги постигнеме. Вечерва видов жени со достоинство, храброст, знаење и огромен потенцијал. Тоа е нашата сила и токму таа сила треба да ја претвориме во организирана работа и конкретни резултати.“

Клубот на жени во наредниот период ќе се фокусира на формирање и активирање на општинските клубови, зголемување на учеството на жените во процесите на одлучување и иницирање конкретни решенија за прашања поврзани со економската независност, здравствената заштита, заштитата од насилство, образованието и професионалниот развој на жените. Вчерашната конференција е почеток на една нова организациска етапа, но и порака дека во ЗНАМ жените не се на маргините на политиката, тие се дел од нејзиното креирање, одлучување и спроведување.
Интегрално соопштение

