ЗНАМ: Македонското знаме е државен симбол на сите граѓани. Неговото сквернавење е недозволиво!

Сподели со своите пријатели

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија најостро го осудува чинот на симнување и сквернавење на македонското државно знаме на плоштадот во Гостивар, чин со кој се изразува непочитување кон државните симболи, институциите и државата Македонија.

Македонското државно знаме не е симбол на една политичка партија или на една етничка заедница. Тоа е државен симбол на Република Македонија, знаме на македонскиот народ и на сите заедници што живеат во нашата држава.

Неговото почитување е обврска на секој граѓанин, без разлика на неговата етничка, верска или политичка припадност.

Почитувањето на правото на секоја заедница да ги негува сопствените традиции, култура и национални симболи не смее да биде изговор за непочитување на државните симболи.

Прославувањето на Денот на албанското знаме, без соодветно истакнување на македонското државно знаме, претставува непочитување на државниот поредок и постапување спротивно на законските одредби за употреба на знамињата.

Исто така, дивеењето по улиците, насилничкото однесување и нарушувањето на јавниот ред и мир во градовите најмалку прилегаат на достоинствено, свечено и цивилизирано одбележување на кој било празник.

Празниците треба да бидат повод за славење, меѓусебно почитување и градење соживот, а не за провокации, инциденти и демонстрација на непочитување кон државата.

Очекуваме надлежните институции без одлагање да ги расчистат настаните во Гостивар, да ги идентификуваат сторителите  и да постапат согласно законите.

Законот мора да важи подеднакво за сите, без селективност и без политички калкулации.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија порачува:

Почитувањето на различностите е наша вредност, но почитувањето на државата, нејзините симболи и законите е обврска на сите!

Македонија е заедничка држава на сите нејзини граѓани и нејзиното знаме мора да биде почитувано од сите.

Интегрално соопштение