Со 96 гласа „за“ пратениците од Собранието на Република Македонија денеска изгласаа одложување на изборите кои беа закажани за 5-ти јуни, откако беше доставен предлогот за измени во Изборниот законик на Талат Џафери од ДУИ.
Денес одлучив да излезам со предлог за измена на Изборниот законик во делот за датумот за избори. Со цел да се усогласи изборниот законик со привремената мерка на Уставниот суд предлагам по скратена постапка да се усвои, да се одржат избори кога политичките субјекти ќе бидат подготвени да излезат на избори – рече Џафери, образложувајќи го барањето за измена на законот за Изборниот законик.
Се бришат уште два члена од законот со кои се укинува забраната за владино рекламирање пред избори. Според Џафери, ова е привремено, а потоа кога ќе се дефинира датумот за избори, оваа забрана повторно ќе се воведе.
Од СДСМ порачаа: „Пукна бетонот, ќе пукне и аболицијата“. Инаку претходно Уставниот суд одлучи да се запрат сите предизборни активности, при што претседателката Гошева рече дека тоа е преседан за доброто на државата.
Со новите измени не е предвиден нов датум за избори.