Словенија минатата година повторно падна на индексот на перцепција на корупцијата (ИПК) и достигна историски ниско ниво, објави невладината меѓународна организација Транспаренси интернешнал.
Како што пренесува словенечката агенција СТА, Словенија лани падна за еден поен и со 56 поени се изедначи со Италија, Грузија и Чешка.
„Наодите од овогодинешниот индекс на перцепција на корупцијата се многу загрижувачки, а Транспаренси Интернешнл Словенија верува дека трендот ќе продолжи се додека носителите на одлуки не продолжат да спроведуваат нулта толеранција за корупцијата“, предупреди претседателката на словенечкиот огранок на Транспаренси Интернешнл, Нежа Грасели.
Грасели истакна дека „секој поединец може да придонесе за поголем интегритет во општеството барајќи нулта толеранција од носителите на одлуки“.
Веќе во 2021 година Словенија доживеа значителен пад во рангирањето на земјите во однос на перцепцијата на корупцијата, но пред тоа стагнираше неколку години.
Кај словенечките соседи најлошо е оценета Унгарија, која од 2012 година загуби 13 бода, а овојпат со 42 се најде на 77. место.
Нешто подобро рангирани се соседните Хрватска (50 бодови, 57. место) и Италија (56 бодови, 41. место).
Значително подобар пласман оствари Австрија, која е на 22. место со скор 71, но во последната година падна за три поени.