Слободните простории во основните училишта во Куманово ќе се пренаменуваат во дневни центри, а дел од нив би можеле да се искористат и за зголемување на капацитетите за згрижување на деца во детските градинки.
Ова го најави градоначалникот Максим Димитриевски, посочувајќи дека Општина Куманово веќе започнала соработка со Министерството за труд и социјална политика и Министерството за образование и наука.
– Ќе се обидеме сите капацитети коишто се слободни во основните училишта на територија на Општина Куманово да бидат преадаптирани во дневни центри за престој на ученици и дополнително да се зголемат во тие простори и капацитетите на детската градинка, изјави Димитриевски.
Паралелно, Општина Куманово го очекува и следниот владин повик на кој треба да биде аплициран проектот за изградба на нова детска градинка.
Димитриевски посочи дека за проектот веќе е издадена градежна дозвола, но неговото аплицирање на претходниот повик било оневозможено поради тоа што навреме не бил обезбеден еден потпис на техничкото решение поврзано со противпожарната заштита.
– Проблемот со проектот е разрешен, градежна дозвола на проектот е издадена, чекаме на повик при Владата бидејќи на претходниот повик поради еден потпис на едно техничко решение од страна на службеник не беше навремено аплицирано“, изјави Димитриевски.
Тој додаде дека од Владата има уверување дека на следниот повик проектот за новата градинка ќе биде одобрен.
Во меѓувреме, пренамената на неискористените училишни простории треба да овозможи дополнителни места за престој на деца и да придонесе кон зголемување на капацитетите на детската градинка.
Оваа година во детската градинка „Ангел Шајче“ во Куманово се запишани 1.727 деца, што дополнително ја наметнува потребата од обезбедување нови просторни капацитети.
Никола Ивановски

