Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони го обвини украинскиот лидер Володимир Зеленски за војната во Украина, пренесоа италијанските медиуми.
Силвио Берлускони, основачот и претседател на партијата Форца Италија, тврди дека украинските напади врз Донбас и Луганск ја предизвикале војната, пренесе италијанската државна новинска агенција АНСА.
„Поради оваа причина, многу негативно го оценувам однесувањето на Зеленски. Да бев премиер, никогаш не би одел да разговарам со Зеленски“, рече Берлускони.
Тој додаде дека САД треба да го убедат украинскиот лидер да ја прекине војната со закана дека ќе ја прекине помошта доколку не нареди прекин на огнот.
„За возврат, Бајден треба да понуди нов Маршалов план за обнова на Украина“, додаде Берлускони.
Во рок од еден час, Канцеларијата на италијанскиот премиер му одговори, наведувајќи дека поддршката на италијанската влада за Украина е „цврста“.
Италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани, исто така од партијата Форца Италија, напиша на Твитер:
„Форца Италија отсекогаш била за независност на Украина, на страната на Европа, НАТО и Западот.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.