Утре започнува „Куманово опен“: Ќе се натпреваруваат 80 рекреативци од цела Македонија (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Утре започнува рекреативниот тениски турнир „Куманово опен“ кој во следните пет дена ќе се одржува на тениските терени кај Спортската сала.

Станува збор за второ издание, а интересот за учество е зголемен во однос на минатата година.

Турнирот ќе трае пет дена, од среда до недела, со учество на 80 тениски рекреативци од целата држава. Во работните денови турнирот ќе започнува од 16:00 часот, а за викендот кога се очекуваат и финалните натпревари, ќе се игра од 18 часот.

 

 

Организаторот Кристијан Тодоровски информира дека годинава, покрај машката, за првпат е воведена и женска категорија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Кумановскиот фудбалер Давид Масевски потпиша за словачки Тренчин

– Со задоволство можам да ви кажам дека оваа година по вторпат го правиме рекреативниот турнир „Куманово опен“. Оваа година имаме 80 учесници, односно го зголемивме бројот во однос на лани поради големиот интерес и успешноста на самиот турнир, изјави Тодоровски.

Од вкупно 80 учесници, 64 ќе се натпреваруваат во машка, а 16 во женска категорија.

 

 

Турнирот е наменет за лица над 18 години, а меѓу учесниците има и рекреативци над 50-годишна возраст.

За најдобрите учесници е обезбеден и зголемен награден фонд. Победникот ќе добие 24.000 денари, второпласираниот 12.000 денари, додека двајцата полуфиналисти ќе добијат по 10.000 денари.

Според Тодоровски, зголемувањето на наградниот фонд е овозможено со поддршка од општествено одговорни компании.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Три лица од Липково удриле во полициско возило па натепале полицајци

Тој посочи дека годинава турнирот нема финансиска поддршка од градот, бидејќи не бил вклучен во програмата, но изрази надеж дека тоа ќе се промени во иднина.

За значењето на ваквите турнири зборуваше и организаторот Александар Павловиќ, кој посочи дека во последните години се забележува зголемена активност на рекреативната тениска заедница во земјава.

– Има турнири во Велес, Валандово, Маврово, а во Куманово ова е втора година по ред. Се активира рекреативната тениска заедница во голема мера и тоа е одлично. Целта и идејата се да има спорт, дружење и убавина, рече Павловиќ.

 

 

Тој нагласи дека тенисот, покрај физичката активност, бара и голема ментална концентрација и дисциплина, а токму тоа го прави спорт кој има позитивно влијание врз целокупната благосостојба.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Гала Трајковска од Куманово со прва титула во портокалов тенис

– Тенисот е многу посебен спорт кој не вклучува само физичка спремност, туку и ментална. За нас кои сме 30 плус години спортисти, контактните спортови знаат да бидат сурови и да носат ризик, а тоа е една од главните предности на тенисот, додаде Павловиќ.

Организаторите очекуваат второто издание на „Куманово опен“ да донесе пет дена исполнети со спорт, натпреварување и дружење, со амбиција турнирот во наредните години дополнително да расте и по бројот на учесници и по наградниот фонд.

Никола Ивановски