Планинарскиот спортски клуб „Поларис“ од Куманово ја реализираше својата прва официјална клубска крводарителска акција, со која планинарите ја покажаа својата хуманост и надвор од планинарските патеки.
Акцијата беше организирана во просториите на Општинската организација на Црвениот крст – Куманово, во соработка со Црвениот крст на град Куманово и Институтот за трансфузиона медицина.
Претседателот на ПСК „Поларис“, Бобан Стефановски, посочи дека клубот и во минатото организирал крводарителски акции, но ова е прва официјална клубска акција по формирањето на „Поларис“.
– Откако го формиравме Поларис ова е официјално првпат да направиме клупска крводарителска акција меѓутоа во минатото имаме направено неколку затоа што мислиме дека е многу добро, каде што на еден убав начин да се покаже човечност и да кажам она хуманост којашто секој од нас ја има, изјави Стефановски.

Тој нагласи дека планинарите сакаат да покажат дека нивната тимска работа и хуманост не се ограничени само на планината.
– Планинарите не се само тимски играчи и хумани само на планина тие се исти такви надвор од планина сакавме да ги споиме урбаното со руралното за да биде една убава компарација помеѓу двете работи каде што всушност и нашето мото 2 „биди упорен како што си на планина, бидете упорни и тука исто“, вели претседателот на „Поларис“.

За Стефановски, крводарувањето е и лична долгогодишна хумана навика. Тој крв дарува од 2013 година, а оваа акција за него беше 33-то дарување.
Идејата за организирање на ваква акција постоела уште минатата година, но тогаш не било можно да се усогласат термините со Црвениот крст.

Од ПСК „Поларис“ најавуваат дека и во иднина ќе продолжат со организирање хуманитарни активности, со цел планинарската заедница да придонесува и во пошироката локална заедница.
Никола Ивановски

