Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто потврди дека побарал од украинскиот министер за енергија Херман Галушченко да ги запре нападите врз руската енергетска инфраструктура што водат кон Унгарија.
„Неодамна имав средба со украинскиот министер за енергетика и го замолив да ми помогне да ги убедам оние во Украина кои треба да бидат убедени да не ја напаѓаат енергетската инфраструктура што води кон Унгарија“, рече Сијарто во интервју за руската новинска агенција РИА Новости.
Тој потсети дека безбедноста на нафтоводите и гасоводите преку кои руската енергија влегува во Европа е една од безбедносните гаранции што Европската комисија и ги дава на Унгарија и дека официјална Будимпешта се уште очекува таа да биде исполнета.
Сијарто се осврна и на позицијата на Унгарците од Закарпат, велејќи дека Унгарија не гледа смисла да го тужи официјален Киев за кршење на правата на унгарската заедница во Украина бидејќи, како што оцени, повеќето меѓународни судови се политички пристрасни.
„Не гледаме рационални причини за ова, бидејќи повеќето меѓународни институции се многу пристрасни и политички мотивирани и не можат да ја повлечат границата помеѓу правата на националните малцинства и геополитиката“, рече Сијарто.
Тој претходно изјави дека Унгарија нема да се согласи на никакви чекори за пристапување на Украина во Европската унија додека не се вратат правата на унгарската национална заедница во Закарпатија, пренесува Танјуг.