Врховниот суд на Обединетото Кралство одлучи дека Шкотска не може да одржи втор референдум за независност без согласност на британската влада, јавува Би-Би-Си.
Шкотската премиерка Никол Старџен сакаше референдумот да се одржи на 19 октомври следната година, но судот едногласно одлучи дека таа нема овластување да го спроведе, пишува Би-би-си.
Судот го отфрли аргументот на Шкотска дека референдумот ќе биде советодавен и нема да има правно обврзувачки ефект за унијата на Шкотска и Англија.
Претседателот на судот, лорд Роберт Рид изјави дека референдумот предложен од шкотската влада ќе се однесува на прашање за кое може да одлучува само Парламентот на Велика Британија.
Владите на Обединетото Кралство и на Шкотска изнесоа аргументи пред судот во текот на два дена минатиот месец.