На Транзитниот центар Табановце во моментот се згрижени 13 државјани на Мароко и четворица Курди од Ирак, кои се вратени од страна на Република Србија на 8 јануари, откако немале соодветна документација да го продолжат патот кон ЕУ, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи.
Во меѓувреме, како што информира РЦУК, во текот на изминатите 24 часа, од страна на ДДД служба при ЦЈЗ Куманово извршена e дезинфекција на 8 вагони – 1600 м.кв на Железничка станица Куманово, како и на 800 м.кв.простор со објекти во пунктот за помош на мигрантите во Табановце.
Во дневниот извештај од ТЦ Табановце, РЦУК наведува дека магацинот кој досега се користел за храна и облека е исчистен, и во него отсега ќе се складира само облека за бегалците, додека магационот наменет само за храна е потребно да се опреми со рафтови за да храната не се остава на под. Сите четири магацини, наведува МТСП ќе може да се користат од страна на сите невладини организации, додека бараките на НВО “Mercy Corps” се исчитени и заклучени откако бегалците овој простор го користеле како тоалет, информираат од РЦУК.
Во текот на вчерашниот ден е пријавен проблем со напојување со електрична енергија, откако во центарот дошло до повторно паѓање на склопката, информира РЦУК.