Се разгледуваат опции за кредит за нова механизација за јавните претпријатија (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Општина Куманово ќе бара начин преку долгорочно задолжување да обезбеди нова механизација за јавните претпријатија, бидејќи тие поради финансиската состојба не се во можност самостојно да набавуваат скапа опрема, изјави градоначалникот Максим Димитриевски на денешната седница на Советот на Општина Куманово, одговарајќи на советничко прашање на Владимир Михајловски.

Прашањето се однесуваше на тоа дали се планира набавка на нови возила за ЈП „Чистота и зеленило“, со цел да се подобри собирањето на комуналниот отпад.

Димитриевски истакна дека јавните претпријатија во моментов не располагаат со доволно средства за самостојно да инвестираат во нова механизација.

– Во една нормална држава и една стабилна финансиски општина и стабилно јавно претпријатие набавките на основните средства за работа ги врши самото јавно претпријатие За жал јавните претпријатија не се во можност да набавуваат сопствени средства за работа, освен тие најосновните, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Започна реконструкцијата на улицата „Индустриска“ во Куманово (ФОТО)

 

 

Тој посочи дека честите дефекти на возилата се една од главните причини за доцнењето со собирањето на сметот.

– Колку сум запознаен, во изминатиот месец имавме 16 дефекти на 16 камиони и тоа е една од главните причини за застој на износ на смет во населбите во градот. Сакам да се извинам на граѓаните поради тоа што доцниме со износ на сметот, особено во овие делови каде што е сведено наместо двапати неделно еднаш, па дури и во 10 дена, изјави градоначалникот.

Според него, Општината веќе разговара со УНДП за обезбедување средства за нова механизација.

– Општината користејќи го својот лимит за долгорочно задолжување да побара кредит во соработка со УНДП да успееме со нив дополнително да обезбедиме и некој донатор и да направиме посериозна набавка на опрема и за Јавното претпријатие „Чистота“, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  39-годишник приведен по тепачка во кумановско

Во одговор на дополнителното прашање дали се бараат донации за половни возила, градоначалникот рече дека такви разговори има, но досегашните искуства покажале дека тие не секогаш се исплатливи.

– Разговаравме со потенцијални донатори од странство за опрема за комунални претпријатија, но сите тие донатори бараат тој сервис да биде финансиски надокнаден од страна на примателот на донацијата. Не постои законска можност да ние го изведеме тоа, рече тој.

Тој нагласи дека решението е набавка на нова механизација.

„Сметам дека е најдобро да се набави нова опрема. Ние имаме стари возила, многу е поскапо да ги поправите отколку да набавите нови. И откако ќе ги поправите се јавува друг дефект на возило, едноставно во таа работа период на експлоатација на тие возила е некаде 2 – 4 години максимум, ние сакаме со исти возила да работиме повеќе од 10 години, рече Димитриевски.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Утре без струја неколку улици во Куманово

Градоначалникот информираше дека според најавите од ресорното министерство, Куманово треба да добие една метларка, еден мал и еден голем камион за собирање смет, но дека Општината не може да чека до завршување на таа постапка и веќе побарала информација за кредитниот лимит за да започне процедура за сопствено задолжување и набавка на механизација.

Никола Ивановски