Општина Куманово веќе го спроведува процесот на оптимизација на основните училишта, кој подразбира балансирање на бројот на ученици во паралелките, но засега не се планира затворање на училишта, информираше раководителот на Секторот за образование, Александар Јовановиќ, на денешната седница на Советот на Општина Куманово.
Тој појасни дека оптимизацијата е дел од насоките на Министерството за образование и наука и има за цел порамномерна распределба на учениците, особено во услови на намален наталитет и миграција на населението.
– Оптимизација е процес на балансирање на паралелките или баланс на бројот на учениците затоа што во Куманово имаме широка мрежа на училишта во кои спаѓаат 21 субјект. Имаме училишта во кои имаме во централно градски училишта паралелки со 30 ученици, меѓутоа имаме и паралелки во руралните средини каде што бројат пет чисти паралелки или учат во комбинирана настава“, рече Јовановиќ.
Според него, Министерството веќе доставило допис со кој оптимизацијата треба да ги опфати првите и шестите одделенија, со цел да се формираат паралелки со најмалку 20 ученици, а таму каде што тоа не е можно, директорите да предложат соодветни решенија.
Јовановиќ посочи дека во Куманово дел од училиштата веќе имаат оптимизирани паралелки, а се разгледуваат и дополнителни модели на организација на наставата.
– Ние веќе во Куманово имаме оптимизирани паралелки во некои општински основни училишта. Сега ја разгледуваме можноста и за целодневна настава, во која би се спојувале две паралелки, со тоа би биле ангажирани два одделенски наставници, во координација со Министерството за образование и Бирото за развој на образованието. Ќе почекаме да видиме кој ќе биде повратниот одговор, изјави тој.
Осврнувајќи се на состојбата во средното образование, Јовановиќ рече дека гимназиите веќе четири години бележат намален интерес за упис.
– Во средните училишта сакам да го истакнам тука дека веќе трета година поради малиот упис на ученици во прва година, гимназијата „Гоце Делчев“ и гимназијата „Сами Фрашери“ од 10-11 паралелки паднаа на седум паралелки. Ова е четврта година по ред, рече Јовановиќ.
Тој нагласи дека Општината и директорите работат на тоа да не дојде до губење на работните места на наставниците.
– Гледаме секоја можност да биде пополнето со веќе постоечки наставен кадар, со изборни предмети и сето она што значи да се задржи наставникот на своето работно место. Од страна на Министерството за образование е доставен допис во кој одделенските наставници на кои ќе им недостасуваат часови можат да бидат и образовни асистенти. Наставниците да не бидат загрижени дека им се крати платата, не им се менува договорот, си остануваат во училиштето каде што работат“, истакна Јовановиќ.
Според податоците што ги презентираше, заклучно со јуни годинава во прво одделение се запишани 863 ученици, додека во истиот период лани биле запишани 904.
Од нив, 772 ученици се запишани во централните училишни згради, а само 91 во подрачните училишта, што, како што рече, директно влијае врз формирањето на паралелките.
Јовановиќ информираше дека Општината ги доставила сите предлози до Министерството за образование и очекува одговор во текот на јули.
По добивањето на мислењето, предлозите ќе бидат доставени и до Советот на Општина Куманово при разгледувањето на годишните планови на училиштата.
– Она што беше пуштено како шпекулација за затворени училишта сега за оваа година во Куманово нема да има, но гледам во општините во Македонија веќе тргнаа на тој чекор каде што поедини училишта веќе се затвораат, рече Јовановиќ.
Никола Ивановски

