Брод со најмалку 45 бегалци се преврте во близина на брегот на Јемен, а само четири лица преживеаја, соопшти денеска Агенцијата за бегалци на ОН (УНЦХР).
УНЦХР додава дека инцидентот се случил поради силниот ветер и преоптоварувањето и дека соработува со Меѓународната организација за миграција (ИОМ) за да обезбеди заштита и помош на преживеаните, пренесува „Ројтерс“.
Во јуни најмалку 49 мигранти загинаа, а 140 исчезнаа откако нивниот брод, кој тргна од Сомалија со 260 мигранти, се преврте во близина на брегот на Јемен.
ИОМ, која води евиденција за загинатите или исчезнатите мигранти на миграциските патишта, од 2014 година евидентирала 1.860 смртни случаи и исчезнувања на мигранти на рутата од Источна Африка и Рогот на Африка до земјите од Персискиот залив.
Според податоците на Обединетите нации, минатата година во Јемен пристигнале 97.000 мигранти од Рогот на Африка.