“Ситуацијата во Македонија и што понатаму” е темата на којашто младите социјалдемократи во наредните четири дена ќе дебатираат на традиционалниот, осми по ред, младински камп којшто се одржува во Охрид.
Гостин на младинскиот камп, традиционално, ќе биде претседателот на СДСМ, Зоран Заев кој со младите ќе дебатира за актуелните случувања во земјава и за Македонија после Груевски.
Работниот младински камп го отвори претседателот на СДММ, Стефан Богоев.
Оваа година, како резултат на политичките случувања гости се високи претставници од раководствата на IUSY (International Union of Socialist Youth – Меѓународна унија на социјалистичката младина) YES (Young European Socialistс – Млади европски социјалисти), како и претставници на сестрински подмладоци од регионот.
На Кампот ќе се усвои и “Резолуција за состојбите во Македонија, Балканот и што понатаму” иницирана од IUSY како поддршка за македонските граѓани и сите оние кои се вклучени во борбата за заминување на режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Во рамки на кампот, на којшто учествуваат над 90 млади луѓе, ќе се реализираат голем број на едукативни презентации, работилници, како и специјални обуки поврзани со политичката кампања.
Летниот камп е во организација на СДММ, во соработка со Институтот за социјална демократија “Прогрес”, а со поддршка од фондацијата “Макс Ван Дер Штул” од Холандија.