Училиштата и другите објекти од Тексас до Џорџија се затворени или се подготвуваат да затворат денеска поради прогнозата за замрзнат дожд и снег што се прогнозира да погоди поголем дел од јужниот дел на САД.
Наставата е откажана за повеќе од милион ученици во Тексас, додека училиштата се затворени и во Канзас и во Литл Рок, главниот град на Арканзас.
Во областа Далас властите подготвија патишта за очекувани снежни врнежи од пет до 10 сантиметри, додека на север, во близина на Оклахома, се очекуваат и до 12 сантиметри снег.
Гувернерот на Тексас Грег Абот објави дека државата распоредила екипи за итни случаи и ги повика граѓаните да не возат кога временските услови се лоши.
Во Арлингтон, каде што се очекува да присуствуваат 75.000 навивачи на полуфиналниот натпревар во американски фудбал, екипите ќе бидат подготвени да ги решат потенцијалните проблеми на патот.
Мешавина од снег, замрзнат дожд и лапавица се очекува во државите од Ново Мексико до Алабама, додека најобилни врнежи се прогнозираат во Арканзас, Луизијана, Мисисипи, Оклахома и Тексас.
Се очекува бурата да продолжи да се движи североисточно до бреговите на Вирџинија и Северна Каролина, а до сабота може да падне и до 20 сантиметри снег во делови од Џорџија, Северна Каролина, Тенеси и Западна Вирџинија.
Гувернерот на Џорџија Брајан Кемп најави затворање на некои државни канцеларии утре, додека градоначалникот на Атланта Андре Дикинс ќе ги затвори градските канцеларии и вработените ќе работат од дома.
Во Канзас, земјоделците и сточарите се особено погодени од обилните снежни врнежи.
Илјадници летови низ САД се откажани или одложени поради снежните бури, додека бројни сообраќајни несреќи се пријавени во Вирџинија, Индијана, Канзас и Кентаки.
Во други делови на земјата, како Западна Вирџинија, Северна Каролина и Канзас, има жртви во сообраќајни несреќи предизвикани од тешки временски услови.