Државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио, денес изјави дека Иран мора да се „откаже“ од збогатувањето на ураниум и развојот на ракети со долг дострел и треба да им дозволи на американските инспектори пристап до неговите постројки.
Во интервју за „Фокс њуз“, во врска со одложувањето на новата рунда нуклеарни преговори, Рубио рече дека Иран мора да престане да „спонзорира тероризам“, да им помага на Хутите во Јемен, да гради ракети со долг дострел кои, како што истакна, немаат друга намена освен развој на нуклеарно оружје и да се откаже од збогатувањето на ураниум.
Иран постојано нагласува дека нема да се откаже од својата ракетна програма или збогатување на ураниум, процес што може да доведе до производство на гориво за нуклеарни централи, како и материјал за нуклеарни боеви глави.
Висок ирански функционер вчера за Ројтерс изјави дека четвртата рунда разговори, која требаше да се одржи денес во Рим, е одложена и дека ќе биде закажан нов датум во зависност од пристапот на САД.
Рубио, исто така, додаде дека Иран треба да увезува збогатен ураниум за својата нуклеарна програма, наместо да го збогатува на своја територија.
„Ако имате можност да збогатите до 3,67 проценти, потребни ви се само неколку недели за да стигнете до 20 проценти, потоа 60, и конечно 80 и 90 проценти, што е она што ви е потребно за оружје“, рече Рубио.
Иран тврди дека има право да збогатува ураниум според условите на Меѓународниот договор за неширење на нуклеарно оружје (NPT) и негира дека сака да развива нуклеарни бомби.
Тој исто така рече дека Иран мора да прифати дека американските инспектори можат да бидат вклучени во режимот на инспекција и дека инспекторите ќе бараат пристап до сите објекти, вклучително и воените.