Русија ги гледа Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) како потенцијални локации за средба меѓу рускиот и американскиот претседател Владимир Путин и Доналд Трамп, објави денеска Ројтерс, повикувајќи се на два неименувани руски извори.
Извори тврдат дека високи руски функционери ги посетиле Саудиска Арабија и ОАЕ во последните неколку недели, а еден од изворите рече дека се уште има одредено противење во Русија, бидејќи некои дипломати и разузнавачки претставници укажаа на блиските воени и безбедносни врски што и Саудиска Арабија и ОАЕ имаат со САД.
Ројтерс наведува дека нема коментар за овие наводи од Ријад, Абу Даби и Кремљ, и дека и Трамп и Путин воспоставиле пријателски односи со властите во Саудиска Арабија и ОАЕ.
Саудискиот де факто лидер Мохамед бин Салман беше првиот странски лидер кој разговараше со Трамп откако тој го започна својот втор претседателски мандат, додека Путин во 2023 година изрази благодарност до Бин Салман за помагањето во организирањето на најголемата американско-руска размена на затвореници од Студената војна.
Трамп претходно изјави дека ќе стави крај на војната во Украина што е можно поскоро и рече дека е подготвен да се сретне со Путин, додека Путин му честиташе на Трамп за изборната победа и исто така рече дека е подготвен да се сретне со американскиот претседател за да разговара за Украина и енергијата. .