Во Ријад е во тек нова средба меѓу претставниците на Украина и САД за прекин на огнот во војната меѓу Украина и Русија, изјави извор од украинската делегација.
„Ние сè уште работиме со Американците“, изјави изворот пред мала група новинари.
Средбата доаѓа по вчерашните долги разговори меѓу Американците и Русите за прекинот на огнот во Украина, исто така одржани во главниот град на Саудиска Арабија.
Украинците и Американците пред два дена започнаа нови разговори во Саудиска Арабија со цел делумен прекин на огнот во украинско-руската војна, пред руско-американските преговори одржани вчера.
Беше најавено и дека Украинците повторно ќе се сретнат со Американците по американските разговори со Русите.
Еден од руските преговарачи Григори Карасин за руската новинска агенција Тасс изјави дека вчерашните разговори меѓу руската и американската делегација за евентуален прекин на огнот во Украина биле корисни.
„Разговаравме за се, тоа беше интензивен дијалог, не беше лесен, но беше многу корисен за нас и за Американците“, рече Карасин и додаде дека разговорите ќе продолжат.
Американската и руската делегација најавија дека денеска ќе излезат со заедничко соопштение за разговорите.