Работилница за креативно пишување за деца утре во Куманово

Сподели со своите пријатели

Децата во Куманово ќе имаат можност да ги откријат тајните на креативното пишување и да ја развиваат својата имагинација на работилница со еминентните македонски писатели Петар Андоновски и Фросина Пармаковска.

Работилницата ќе се одржи утре, со почеток во 11:30 часот, во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

Настанот е осмислен како интерактивна средба меѓу професионални писатели и ученици, во рамки на која учесниците на интересен и пристапен начин ќе се запознаат со развојот на македонската проза.

Во креативниот дел, Андоновски и Пармаковска ќе ги запознаат децата со основите и техниките на микрофикцијата, односно кратката прозна форма.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Медицинска опрема вредна 108 милиони денари пристигнува во Општата болница Куманово

Преку игра и заедничко создавање приказна, писателите ќе го постават почетокот, а учениците ќе имаат можност да ја продолжат со сопствени идеи, ликови и неочекувани пресврти.

Целта на работилницата е да ги охрабри најмладите слободно да се изразуваат, да ја користат својата креативност и да сфатат дека пишувањето може да биде забавен начин за истражување и споделување идеи.

Преку непосредната комуникација со писателите, учениците ќе добијат можност да откријат дека секој од нив има приказна што вреди да биде раскажана.

Никола Ивановски