Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ со кој на аеродромот во Волгоград му се доделува историското име „Сталинград“, соопшти прес-службата на Кремљ.
„За да ја овековечам Победата на Советскиот народ во Големата патриотска војна од 1941-1945 година, издавам декрет:
– Меѓународниот аеродром Волгоград да го добие историското име „Сталинград“.
– Да се утврди дека: историското име доделено на Меѓународниот аеродром Волгоград не е составен дел од утврденото име на овој географски објект“, се наведува во документот, пренесува РИА Новости.
Исто така, беше наведено дека доделувањето на историско име на Меѓународниот аеродром Волгоград не подразбира промена на утврденото име на овој географски објект.
Во вторник, за време на посетата на Волгоград, Путин одржа одвоена средба со гувернерот на Волгоградската област Андреј Бочаров, кој му го пренесе барањето аеродромот да се именува „Сталинград“.
Како што изјави тој, овој предлог го презентирале ветерани и учесници во војната во Украина.
Путин го поддржал ова барање, според руската агенција.