Германската полиција започна истрага откако робот, контролиран од двајца млади мажи, наводно сексуално вознемирувал 16-годишно девојче во Келн.
Инцидентот се случил во недела, 11 октомври, доцна навечер, пред ресторан за брза храна во овој град на западот од Германија.
Според полициското соопштение, робот висок околу 120 сантиметри ѝ се приближил на девојката одзади, ја допрел по задникот и правел сексуално сугестивни движења.
Во тој момент, девојката била во друштво на двајца пријатели, на возраст од 17 и 18 години.
Младите мажи го снимиле инцидентот и го емитувале во живо
Според CNN, полицијата се сомнева дека роботот бил контролиран од неговиот шеснаесетгодишен сопственик и неговиот деветнаесетгодишен пријател.
Двајцата, според истражителите, го снимиле настанот и го емитувале во живо на социјалните мрежи.
Полицијата набрзо пристигнала на местото на настанот и ги пронашла осомничените млади мажи.
Роботот бил пронајден во багажникот на автомобилот, по што бил запленет како доказ.
Мобилните телефони на осомничените биле исто така конфискувани.
Дали роботот бил програмиран да нападне?
Истражителите сега се обидуваат да утврдат дали движењата на роботот биле однапред програмирани или младите мажи директно го контролирале за време на инцидентот.
На интернет се појави и видео од робот кој носи бел елек, златен ланец и очила за сонце.
На видеото се гледа како тој им се приближува на жени на улица и прави сексуално сугестивни гестови.
Полицијата ги истражува околностите на инцидентот и евентуалната кривична одговорност на лицата кои го управувале уредот.
Случајот го покрена прашањето за одговорност за дејствијата на роботите контролирани од луѓе, особено кога таквите уреди се користат за вознемирување на други лица.

