300 автори и 1.544 фотографии дел од „Фото Салон Куманово 2026“, доделени 86 награди

Сподели со своите пријатели

Фото Кино Клуб „Козјак“ и годинава ги собра фотографите од Македонија и странство на традиционалната меѓународна изложба на уметничка фотографија „Фото Салон Куманово 2026“, која важи за најстара меѓународна изложба од ваков тип во Македонија.

На конкурсот учествуваа 300 автори со вкупно 1.544 фотографии од повеќе земји, кои се натпреваруваа во четири категории: црно-бела фотографија на слободна тема, фотографија во боја на слободна тема, портрет и природа.

Жирито во состав на Милош Нешковски, Михаел Кацафура, Кирил Штрков, Марјан Јаневски и Боро Рудиќ додели вкупно 86 награди во категориите Салон награда, награда „Живко Јаневски“ и награда на Фото сојузот на Македонија.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  21-годишник од Куманово возел без дозвола, полицијата го привела

Во рамки на секоја категорија беа доделени златни, сребрени и бронзени медали, како и дипломи за најуспешните автори.

За најдобар автор на овогодинешниот Фото Салон е прогласен Слободан Чавиќ од Србија.

Изложбата ќе биде отворена на 26 ноември 2026 година (четврток), со почеток во 19 часот, во Уметничката галерија на градот Куманово.

Фото Салон има долга традиција, која започнала во 1962 година, најпрвин како клупска изложба, потоа како меѓуклупска и меѓурепубличка, а во последните години прерасна во една од најпочитуваните и најпосакуваните фотографски изложби меѓу авторите од различни земји ширум светот.

Во време на брзи технолошки промени и целосна дигитализација, фотографијата останува важен начин на документирање на времето, општеството и настаните што се случуваат пред објективот, а Фото Салон продолжува да создава простор за промоција на фотографската уметност и за меѓународна размена на автори и идеи.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Неделна прогноза за Куманово: Денеска силен ветер и дожд, утринските во длабок минус

Покровители на изложбата се Министерството за култура и Општина Куманово, а таа се одржува под патронат на Фото сојузот на Македонија.

Никола Ивановски