Околу 5.000 луѓе протестираа во Солун поради владината одлука да воведе нови видови лични карти, кои се усогласени со пошироките стандарди на ЕУ и ќе станат задолжителни од 2026 година.
Како што пренесува АП, демонстрантите се собраа кај градската Бела кула, поранешна тврдина на брегот, извикувајќи слогани и националната химна, по што маршираа низ градот и се разотидоа без инциденти.
АП наведува дека по одлуката за нови лични карти, во Грција процветале теории на заговор, според кои новите документи за идентификација наводно содржат чипови кои ќе им овозможат на властите прецизно да ја одредат локацијата на граѓаните или дури и да „го контролираат нивниот ум“.
Се додава дека најголемите противници на новите лични карти се длабоко религиозни. Премиерот Киријакос Мицотакис ги негираше сите нивни наводи, додава АП.
Протестен митинг е најавен за следниот викенд во главниот град Атина.