Прогласена кризна состојба на северната и јужната граница на РМ

Сподели со своите пријатели

На вчерашната седница владата одлучи  да прогласи кризна состојба на јужната и северната граница заради состојбата со мигрантите.  А како што пренесуваат националните медиуми границите се веќе затворени со полиција и војска која ги спречува мигрантите да влезат во државата.

Loading...

Од Министерството за внатрешни работи пак најавија и дека ќе се формира Главен штаб за анализа на ситуацијата. Најбројни до сега се сириските државјани на кои им е издадена потврда потоа државјани од Авганистан и Пакистан.

Според изјавата на Иво Котевски, долж двете граници ќе има мешани патроли на полицијата и војската кои ќе го блокираат патот на мигрантите.

Одлуката на Владата има за цел да спречи какви било посериозни проблеми и закани по локалното население, односно по жителите кои што живеат во гевгелискиот регион и да спречи какви било дополнителни проблеми, но и да обезбеди посоодветен третман на оние лица, илегални мигранти кои влегле во Македонија и изразиле намера за азил- додава Котевски.

Причини за одлуката на Владата е зголемениот притисок од мигрантите на јужната граница. Само за 24 часа МВР издаде 1.327 потврди, а за последните два месеци вкупно 41. 414 странски државјани изразиле намера за барање азил.

За трошоците допрва ќе се утврдува, бидејќи досега МВР како една од институциите со најбитни ингеренции за контролирање на границата се соочуваше со огромни месечни трошоци заради зголемениот ангажман на полицајци, возила, опрема итн, вели Котевски. Според проценките, додава тој, трошоците во изминатите месеци изнесуваат околу 800 илјади евра месечно, само за ангажманот на полицијата за обезбедување на јужната граница.

Инаку, како што јавуваат локалните медиуми, на македонско-грчката граница илјадници бегалци биле наредени долж граничниот појас и се обидувале да влезат во Македонија. Според активистите на терен, во Гевгелија веќе неколку дена има специјалци кои што до денеска се грижеле само за јавниот ред и мир. Меѓународната пруга Солун-Скопје е блокирана од неколку илјади бегалци, а на грчка територија веќе биле заглавени два товарни и еден патнички воз. Пристигнала и грчката патролна полиција за да ги извести македонските полициски структури за ситуацијата од другата страна на границата.