Околу 20 бродови на кинеска и тајванска морнарица и денес се распоредени во близина на неофицијалната централна линија на Тајванскиот теснец, изјави за Ројтерс извор запознаен со ова прашање.
Неколку бродови на кинеската морнарица денеска продолжија да вршат маневри во близина на источниот брег на Тајван, изјави овој извор, пренесе британската агенција.
Источната команда на Народноослободителната војска на Кина вчера објави дека продолжува со заедничките воени вежби во морето и воздушниот простор околу островот Тајван, а портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин рече дека тие имаат за цел да ги предупредат САД и да им одржат лекција на „тајванците сепаратисти“.
„Мерките што ги презедовме се одговор на посетата на Тајван од страна на претседателката на Претставничкиот дом на САД, Ненси Пелоси. Одговорот на Кина е оправдан и легитимен и служи како предупредување за поттикнувачите и лекција за тајванските сепаратисти“, рече Ванг.
Тој рече дека постои само една Кина, чиј составен дел е Тајван, пренесува ТАС С.
Министерот за надворешни работи на владата на Тајпеј, Џозеф Ву, претходно изјави дека Кина ја искористила посетата на Пелоси за да започне големи воени маневри во близина на Тајван, со цел да се промени статус кво состојбата во областа на Тајванскиот теснец.
Сите информации поврзани со најновите случувања во Тајван можете да ги прочитате ТУКА.