Моторџиско ревијално возење во Куманово во петок – акцент на безбедноста и носењето кацига

Сподели со своите пријатели

Ревијално мотоциклистичко возење ќе се одржи во петок во Куманово, со кое ќе се испрати порака за поголема безбедност во сообраќајот и задолжително користење заштитна опрема.

Настанот ќе се одржи на 18 септември 2026 година (петок), со почеток во 19 часот, во организација на Отсекот за превенција при СВР Куманово, Општинскиот совет за превенција на детско престапништво при Општина Куманово и Спортското здружение на мотоциклисти – Мото клуб „Мечки“ од Куманово.

Зборното место ќе биде градскиот плоштад, од каде учесниците ќе започнат со ревијално возење низ најфреквентните улици во градот, по што ќе се вратат на плоштадот.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Саниран дефектот, водоснабдувањето во Куманово наскоро ќе се нормализира

 

 

По завршувањето на возењето ќе биде прикажана видео-презентацијата „Безбедно на мотор – носи кацига!“, а за учесниците ќе бидат обезбедени и промотивни и едукативни материјали.

Организаторите упатуваат повик до сите кои управуваат со мотоцикли, четирицикли и други слични возила, како и до љубителите на мотоциклизмот, да се приклучат на настанот.

Целта е преку дружење и едукација да се подигне свеста за важноста од користење соодветна заштитна опрема, со посебен акцент на носењето заштитна кацига, информираат од Општина Куманово.

Никола Ивановски