Последен поздрав за Јордан Цеков – Дане, борец на НОБ од Куманово

Сподели со своите пријатели

На 98-годишна возраст завчера во Куманово почина еден од полседните борци на Народноослободителната борба од овој регион, Јордан Цеков – Дане.

Loading...

Дане е роден во Куманово на 15 јули 1921, тој е македонски публицист, учесник во НОБ од 1941 година, командант на Третата македонска ударна бригада и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија.

Носител е на „Партизанска споменица 1941“ и други воени одликувања.

Роден е во Куманово, во тогашното Кралство СХС, како трето дете на Денко и Вета Цекови. Член на СКОЈ од средината на 1938, а на КПЈ и КПМ од февруари 1943 година.

Во септември 1941 е еден од организаторите на познатиот штрајк на учениците во Кумановската гимназија. Автор е на Резолуцијата со барања на учениците, која почнува со зборовите: „Ние синовите на македонскиот народ…“. Поради тоа е уапсен од бугарската полиција, но поради недостиг на докази, по едномесечна тортура во затворите во Куманово и Скопје е ослободен кон крајот на октомври 1941. Во учебната 1942/43 година завршил гимназија и положил матура.

Во јули и август 1941 година со Апостол Зордумис-Толи работи на партиска техника. Во септември 1941, со брат му Стојко и Панче Пешев прибира и засолнува оружје во семејната куќа во Куманово. Од вкупно 35 пушки кои партиските активисти ги прибраа во градот, 28 пушки и 2 пушко-митралези со 6 сандаци муниција, беа засолнети во куќата на Цекови. На 12 октомври 1941 вечерта, оружјето било изнесено и употребено за вооружување на партизаните на Козјачкиот и Карадачкиот партизански одред, чии две борби против бугарската војска во селата Белановце и Малотино на 12 и 17 октомври, заедно со акциите на партизаните на Прилеп и Скопје, го означија почетокот на анти-фашистичкото востание на македонскиот народ.

Во 1942 година, со Бојан Зафировски и Благоја Стефановски – Гојчо, е член на редакцијата на „Октобрис“, весник на кумановската партиска организација, во кој објавува статии. Бил технички уредник на шест броја на весникот, кој е печатен во неговата куќа.

Во март 1943 година е член на Месниот комитет на КПМ на Куманово, а од 1 мај и секретар на МК на СКОЈ. Во јуни 1943 година, заедно со Панче Пешев и Христијан Тодоровски-Карпош, е организатор на јадрото од 11 партизани, кои на 26 јуни вечерта излегоа од градот и стапија во Вториот јужномораски партизански одред. Во јули јадрото се зголеми на 18 партизани и на 2 август 1943 се формира Кумановскиот партизански одред, под команда на Христијан Тодоровски-Карпош.

Loading...

Во НОВ е од 26 јули 1943 година. Бил назначуван на должностите: командир на чета во Кумановскиот партизански одред и Кумановскиот баталјон „Јордан Николов“, командир на чета во III Македонска ударна бригада, командант на баталјон, заменик-командант на III Македонска ударна бригада, командант на XI Македонска бригада, а во септември 1944 е назначен за командант на III Македонска ударна бригада.

На 25 април 1944 во борбата за ослободување на Кратово, тешко е ранет со огностерлно оружје во пределот на ’рбетниот столб. На 1 декември 1944 добива чин мајор.

Од јануари до декември 1945 завршува Виша артилериска школа во Ленинград, а потоа е назначен за командант на артилерија на пешадиска и тенковска дивизија.

Од 1951 до 1953 завршува Воена академија на ЈНА во Белград, а потоа е назначен за командант на артилериски полк во Бјеловар. Пензиониран кон крајот на 1956 година во чин полковник.

Од април 1962 до септември 1967 е директор на Републичкиот фонд за научна работа, а од септември 1967 до јуни 1969 стручен соработник во Институтот за национална историја на Социјалистичка Република Македонија.

За пратеник е избран во првото свикување на Собранието на Народна Република Македонија од 1946 до 1950 година. Републички пратеник е и во II, IV, V и VII (1970-1974) свикување на Собранието.

Во 1971 подносител е на амандманот за изградба на патот: село Младо Нагоричино – село Пелинце – манастир “Св. Прохор Пчињски“ во должина од 23 км, што на 2 август 1974 е пуштен во употреба.

Поради политички несогласувања со тогашната власт, во 1975 година е пензиониран на 54-годишна возраст. Член на Советот на Републиката. Во 1986 година, подносител е на барањето до IX Конгрес на СКМ за постхумна партиска рехабилитација на Панче Пешев, прва ваква иницијатива во Македонија и една од првите во поранешна СФРЈ.

Loading...

На покана на Британската Кралска Легија на 13 ноември 2005 учествува на парадата на воените ветерани во Лондон.

Автор е на 18 научни трудови и 122 статии објавени во весници и списанија. Со свои научни трудови учествувал на научни собири за Народно-ослободителната и антифашистичка војна во Велес, Куманово, Скопје, Битола и Кавадарци.

Беше погребан вчера.

Leave a Reply