Во текот на попладневните часови се најавува нестабилност на времето, при што се очекуваат поројни врнежи од дожд, проследени со силен ветер, град и процеси во форма на невреме, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Поради можноста од краткотрајни интензивни врнежи од дожд локално е можно нагло и рапидно зголемување на водостојот на помалите реки низ земјава и суводолиците.
– Исто така, во дел од градските урбани средини и населените места поради карактерот на очекуваните врнежи (интензивни со кратко времетраење) можна е локална појава на брзо истекување на атмосферската вода и појава на локални проблеми, велат од УХМР.
После врнежите во изминатите неколку дена, како што се додава, водостоите на реките се надпросечни и прилично високи.
– И покрај најавениот локален карактер на врнежите, се очекува и кај поголемите реки да останат високи водостоите и да бележат тенденција на благо покачување, велат синоптичарите.
Според дел од моделите за временска прогноза, источните и југоисточните делови од земјата ќе бидат подлежни на нешто поголеми врнежи во текот на попладневните часови и ноќта, каде ќе има услови за зголемување на водостоите на реките во овие делови.
Поради очекуваниот пороен карактер на врнежите можна е појава на одрони и свлечишта.
– Препорачуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците, како и на оние места каде во текот на денот и вешерните часови ќе има поројни врнежи од дожд, стои во соопштението.
Никола Ивановски