Полската влада одлучи да отповика повеќе од 50 амбасадори именувани од претходната влада на партијата Право и правда, а реконструкцијата на надворешната политика на земјата ја поддржа премиерот Доналд Туск, соопшти Министерството за надворешни работи на таа земја.
„Владата верува дека неопходната промена на полските амбасадори ќе помогне на подобар и попрофесионален начин да се решат тешките предизвици со кои се соочува полската надворешна политика денес“, се вели во соопштението на Министерството.
Туск во вторник најави дека заедно со министерот за надворешни работи Радослав Сикорски ќе побара од претседателот на Полска Анджеј Дуда да спроведе промени во повеќето амбасади, пишува Политико.
„Во секој случај, ќе имаме многу големи промени во амбасадите“, рече Туск.
Тој посочи дека тоа „не е одмазда“, туку дека е важно „да се изгради тим лојален на полската држава“.
Новата про-ЕУ влада на Туск вети дека ќе ги врати демократските стандарди во земјата и ќе ги подобри односите со Брисел, истовремено отстранувајќи ги луѓето поврзани со поранешната влада од клучните позиции и, тврди Политико, ослободувајќи ги државните медиуми од политичката контрола.
Дуда, кој сè уште е лојален на партијата Право и Правда, беше критичен за некои промени, а неговиот политички конфликт со Туск најмногу се одразува во односот на новата влада кон двајцата поранешни партиски функционери, Мариуш Камински и Мациеј Васик, кои се во затвор поради злоупотреба на положбата.